За проектот
„EU Youth Caravan – ЕУ младински караван“ е проект што ги поврзува младите од сите осум плански региони на Северна Македонија, создавајќи простор за учење, дијалог, креативност и активно младинско учество во процесите поврзани со европската интеграција.
Преку осум регионални младински форуми, 160 млади имаа можност да ги истражуваат европските вредности, да дискутираат за предизвиците и можностите што ги носи европската интеграција и да ги изразат своите ставови за иднината на своите заедници. Преку интерактивни работилници, дебати, симулации и креативна работа, тие создадоа оригинални продукти и заеднички младински пораки што ги претставуваат нивните идеи, очекувања и визии за Европа.
Создадените видеа, подкасти, постери, инфографици и други креативни дела се претставени во Виртуелната младинска галерија, како простор во кој гласот на младите од сите осум региони добива видливост и останува достапен за пошироката јавност.
Проектот го спроведува ИГИ Гостивар, во партнерство со Организацијата на жени од Струмица и Аналитика – Скопје, со финансиска поддршка од Шведска, преку УНОПС.








